Договорот од Преспа вредеше и допрва ќе се покаже дека вреди и го претвори проблемот во решение, конфликтот во соработка и непријателството во сојузништво, вели поранешниот премиер Зоран Заев во интервју за грчкиот информативен портал „Ајидисис“, пренесува МИА.
Тој вели дека „има точки каде се соработува и напредува многу брзо, има и точки каде соработката е со умерено темпо“, истакнувајќи дека сепак, напредокот е очигледен и нема застој, нема назадување.
На прашањето за Договорот од Преспа, одговара со неколку прашања, „дали пред 2018 година бевме соседи кои не се слушаат, кои не комуницираат и кои имаат непријателски однос едни кон други?“, но и „дали сега сме соседи кои се заедно во НАТО, кои се поддржуваат и штитат меѓу себе, дали компаниите од двете земји соработуваат повеќе од претходно“, како и „дали конечно Грција нема проблем со тоа што ние сме Македонци од Северна Македонија?“
„Ве повикувам Вам, но и сите кои ќе го прочитаат ова интервју, ставете ја десната рака на вашето срце и одговорете си ги овие прашања, онака како што јас го правам тоа во овој момент. Јас велам: вредеше. И велам дека допрва ќе вреди“, истакнува Заев.
За одлуката да си поднесе оставка, објаснува дека „тоа беше сосема исправен и одговорен потег кој покажа и покажува што значи да се чуе гласот на народот и што значи и во најтешките моменти да се придонесува кон политичките вредности за кои се борел и се бори СДСМ“.
-Демократските, европските и вредностите на солидарноста мора да бидат на пиедесталот. И кога се соочувате со одлуката да изберете меѓу себе и вредностите за кои сте се бореле целиот ваш живот, тогаш одлуката мора да биде во корист на вредностите и во корист на зачувување и развој на се она што сте постигнале низ годините. Многумина ми рекоа дека во вакви ситуации најтешко е да се износиш со сопственото его. Јас, фала му на Бога, немав никаков предизвик да го сторам тоа, објаснува Заев.