Премиерот Зоран Заев денеска изјави дека секоја одлука од УНЕСКО за Охрид ќе се почитува, но дека ќе му биде драго ако земјава добие дополнителен рок за да ги исполни препораките и да избегне поместување на Листата на светски богатства во опасност. Предлогот Охрид да добие уште две години стигна од БиХ, но гласањето било одложено поради негодување од Норвешка.
-Тоа што е уништено со децении наназад под раководство на ВМРО-ДПМНЕ не може да се врати во нормала за мал период. Одлуката ни беше најавена тоа беше дека Охридскиот регион ќе биде ставен на Листата на светски богатства во опасност. Но, благодарение на градоначалникот и општинската администрацијата, со сите аргументи кои беа изнесени и од Министерството за култура и мојот кабинет, кои се во постојана дебата вчера и денеска, навистина се менува сликата заради тие резултати што досега се постигнати. Пред се мислам на изградбата на колекторскиот систем, ставање на режим на планот за управување со Охрид, чистењето на плажите…Благодарение на тие резултати го свртивме вниманието на сите експерти којшто дискутираат на заседанието на УНЕСКО и се уште се дискутира, рече Заев кој најави дека одлуката на УНЕСКО се очекува попладнево.
На новинарско прашања дали лобирал за државата да добие дополнителен рок за да ги исполни препораките на УНЕСКО, Заев рече дека не може да и се јави на норвешката премиерка и да бара нешто такво.
-Таму нема политика. Северна Македонија во овој период испрати многу силни меѓународни пријатели, но таму се исклучелно експерти и професионалци. Норвешка на пример, го води целиот овој проект и е најгласна, но не може Заев да се јави на премиерката на Норвешка. Тоа не функционира така. Врз основа на докази, врз основа на сето тоа што е направено, дебатата е отворена. Вчера траеше цел ден и денеска после пладне се очекува одлука, рече Заев.