СДСМ и ДУИ воопшто не разговарале за заеднички кандидат за градоначалник на Скопје за октомвриските локални избори, изјави денеска премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев.
-Не, воопшто не е разговарано за таква работа за заеднички кандидат или компензации или нешто слично. Се работи за политичка платформа, перспективи, иднина итн, рече Заев по настанот во Штип.
Премиерот кажа дека се работи за нешто што претставува модернизација на коалицискиот партнер и потенцираше дека е логично да остави за деталите да зборуваат тие, а е во духот на тоа што го работат како Влада.
-Како што ги презентиравме нашите промени како најголем партнер во нашата коалиција што се правеа со електронската евиденција, непосредното гласање, еднаквата застапеност на жените и мажите и поголема застапеност на младите во партијата, така и ДУИ ме информираа за оваа квалитативна и убава промена. Се надевам дека ќе постигнат нови успеси, заради тоа што навистина е еден модернистички пристап што ќе очекуваме утре сите да го слушнеме, истакна Заев одговарајќи на новинарско прашање.
Кажа дека тоа што треба да го соопшти ДУИ е вредно за внимание.
За тоа дали СДСМ и ДУИ ќе одат заедно на овие избори, Заев рече дека и на овие избори ќе одат кон обединување и коалицирање најнапред со партиите од коалицијата, меѓу кои се и ДУИ, Беса и ДПА, но и со опозициските партии од албанскиот блок.
-Како што овој автопат обединува така и СДСМ обединува и секојпат сме биле обединувачи етнички, религиозно, културолошки, но и политички. Ја направивме најголемата коалиција за парламентарните избори и првпат мултиетнички комплетна. Зад претседателот Пендаровски застанавме 32 партии од власта, од опозицијата, така што и овој пат на локалните избори ќе одиме кон обединување. Зошто? Заради тоа што во единството е силата, и во единството е успехот, рече Заев.
Како што кажа, локалните избори се посебни избори, тоа се избори на личности.
-Партиите имаат влијание, но многу е важен ликот на кандидатот или кандидатката за градоначалник или за советници, рече Заев, кој мина три мандати како градоначалник на Струмица и вели дека од неговото искуство знае оти многу важно граѓаните да им веруваат на своите носители на фунцкии на локално ниво.
Од тоа, потенцираше тој, зависи како ќе ги прават коалициите.
-Ќе правиме коалиции. Ние стартуваме со наша преокупација да ги создадеме максимално коалициите. Секако еден дел ќе бидат направени уште во првиот круг, еден дел ќе бидат логични во вториот круг. Со кого – со стандардните коалициски партнери сигурно со кои сме партнери на државно ниво. Ние сме 25-6 политички партии заедно во еден тим кој верува во иста кауза. Од тој аспект секогаш фокусот е на албанските партии. Ние имаме три албански партии во коалицијата ДУИ, Беса и ДПА, но имаме соработка и со опозициските партии, рече Заев.
Според премиерот, неговата партија е „решавач на проблеми“ и постигнуваат подадени раце и разбирање и за опозоцијата.
-Верувам дека ќе успееме преку заеднички настап, преку кандидати кои ќе бидат доволно силни за граѓаните да не привлечат да се обединиме, рече Заев.
Во контекст на локалните избори, Заев кажа дека СДСМ на 8 јуни ќе има седница на Централниот одбор на којшто треба да биде донесена одлука за шеф на републичкиот штаб, за правилник и постапка и критериуми за номинирање на кандидатите за градоначалници и советници што очекуваат да бидат номинирани од базата. Некаде во втората половина на јуни СДСМ ќе почне со проверки преку теренски анкети за да добие информации што им е најважно на граѓаните во делот на номинацијата на кандидатите.
-Верувам дека одлуките ќе ги носиме кон крајот на август, почетокот на септември. Опциите се изборите да бидат на 24 октомври или 31 октомври. Имаме време, рече Заев.
Изрази задоволство од работата на градоначалниците на СДСМ од источниот дел на земјата.
– Јас сум задоволен. Во проценти ако ме прашате колку – 90 проценти, рече Заев, кој наброја дел од проектите реализирани во овој дел од земјата.
Албанските медиуми претходно пишуваа дека поранешниот министер за здравство и бизнисмен од Сарај, Имер Селамани , би можел да биде заеднички кандидат на СДСМ и ДУИ за градоначалник на Скопје.
Селмани, според информациите со кои располагаат медиумите бил најприфатлив за сите партии од власта.