Грција е еден од петте најверни пријатели на Македонија, за разлика од порано кога таа беше еден од најголемите политички непријатели, изјави поранешниот премиер Зоран Заев за грчкиот весник „Катимерини“ во интервју дадено деновиве.
„Сега, анкетите ја покажуваат Грција како еден од петте најдобри пријатели на Северна Македонија, додека пред Преспа, таа беше еден од нашите три најголеми политички непријатели. Се радувам кога гледам семејства како меѓусебно комуницираат, се посетуваат. Како политичар многу често сум во Грција, бидејќи моите деца учат во Солун и запознавам многу луѓе. Сите се толку љубезни, а има и такви кои велат: Господине Заев, јас сум против Преспа, но вие сте добар човек. Затоа, ајде да работиме заедно“, изјави Заев.
Тој смета дека регионот по договорот од Преспа се менува и тоа не само во енергетскиот сектор, туку и во земјоделството, текстилот, металната индустрија, насекаде.
Заев, кој беше во Грција по повод Економскиот форум Делфи, зборува за блиската соработка што сега постои меѓу двете земји и се заблагодарува на грчката влада за помошта за време на пандемијата и за полноправно членство во НАТО и неговата европска перспектива.
„ Тоа е многу видлива соработка, додека се чекаат повеќе од 2,5 милијарди евра инвестиции од Грција во Северна Македонија, во енергетиката и другите сектори, Износот одговара на 25% од нашиот БДП. Навистина сум многу благодарен и за новата грчка влада, која не е толку нова како што имате избори, која го поддржува нашето полноправно членство во НАТО, што значи стабилност и безбедност. Премиерот Мицотакис, министерот Дендиас и другите се бореа толку позитивно за Северна Македонија во Европската унија, Европскиот совет и Советот на Европа. Ова го прават пријателите и ние сме многу благодарни и нашите граѓани го знаат тоа“, изјави Заев за „Катимерини“.
Тој Македонија ја гледа како членка на ЕУ до 2030 година.
„Сите овие 17 години колку што имаше полемики за името, сменивме многу законодавства, го искористивме овој пат да го усогласиме нашето законодавство со европското, така што ќе имаме побрз пристапен процес во споредба со другите земји“, изјави Заев.