Со договорите со Бугарија и Грција, Македонија доби сегашност и обезбеди иднина и го обезбеди заветот на своите предци за своја, почитувана и меѓународно признаена држава, вели премиерот Зоран Заев во денешното неделно интервју за белградскиот весник „Политика“.
-Договорите меѓу Македонија и Грција и Македонија и Бугарија верувам дека ќе бидат силна мотивација за затворање и на други билатерални прашања во регионот. Стабилен Балкан значи стабилна Европа и стабилен свет. Тоа е веќе јасно и за меѓународната заедница и јас силно верувам дека земјите-членки на ЕУ ќе најдат сила да ја поддржат Македонија за неколку дена да добие датум за почеток на преговорите, а потоа да добиеме покана да станеме следната 30-та земја членка на НАТО – потенцира Заев.
Според него, при решавањето на спорот за името, двете страни повеќе добиле отколку што изгубиле.
– Ако добивме потврда, ерга омнес на нашиот македонски идентитет и јазик, ако географската одредница Северна што ја додадовме на нашето име Македонија ни ги отвора патиштата кон ЕУ и НАТО, ако договорот ја става нашата држава Македонија на картата на држави во светот на достоиствено ниво, идентитетски целосно заштитена, за век и веков, ако овој договори значи за Грција спокој и потврда дека немаме никакви територијални или други претензии кон географскиот реон Македонија што е на грчка страна, тогаш единственото што можеме да речеме дека го изгубија двете страни е суетата – вели премиерот.
Тој порачува дека владата е убедена во исправноста на договорот, но, сепак, граѓаните на референдум ќе се изјаснат дали го прифаќаат или не.
-Тоа што е до мене и што е до Владата, ние ќе го направиме, ќе се обидеме целосно и темелно да им ги доближиме на граѓаните придобивките од договорот со Грција и да ги расчистиме сите предрасуди со коишто неодговорни политичари, водејки се од лични интереси ја замајувале или ја замајуваат јавноста. Јас сум непоправлив оптимист како што знаете и верувам дека референдумот ќе успее, а тоа ќе значи успех за секој граѓанин на Македонија. Но, како и да е, ние како Влада јасно ќе го образложиме својот став пред референдумот – истакна премиерот.
Тој додава дека ќе ја исполнат нивната политичка должност да се спроведе волјата на граѓаните, без ралика дали тоа подразбира и покренување на постапка за отповикување на претседателот Ѓорге Иванов.
– Во време кога целиот свет честита, тој сака на граѓаните да им го натовари тешкиот камен од минатото. Сакам да верувам дека не се во позадина некои други причини зошто би сакал да ги кочи евроатлантските интеграции на Македонија и дека сите ќе не демантира поддржувајки ги процесите што водат кон членство на Македонија во ЕУ и НАТО – истакнува Заев.