Последните денови се изнаслушавме измислици од опозицијата, без конкретни планови, истурааат како од ракав проекти коишто немаат врска со реалноста, ние даваме збор што планираме, порача премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев на митингот во Штип. Заев ја побара поддршка од штипјани за кандидатот за градоначалник, Сашко Николов и советничката листа на СДСМ, со цел, како што рече, проектите да продолжат и наредните четири години.
-За да се продолжат проекти најдобро е да се даде шанса на Сашко Николов. Ние реализираме проекти на дело. Со доктор Сашко, заедно со советниците предводени од носителот на советничката листа доктор Алекасндар Мишев, специјалист офтамолог во Клиничка болница-Штип, во Штип сте на сигурно и вие граѓаните и градот, бидејќи знаат, сакаат, ја имаат нашата безрезервна поддршка да го донесат најдоброто, за вашиот и наш Штип – рече Заев.
Николов, пак, рече дека СДСМ ги слуша и ги решава проблемите на граѓаните, а ВМРО-ДПМНЕ, како што рече, не ги гледа градинките, патиштата и канализациите што се изградени.
-Од се што кажаа најмногу ме плаши „ние ќе се договараме“ и од овде му порачувам на Иван Јорданов дека времето на договарање, правење зделки, крадење на парите на граѓаните заврши, и нема да дозволиме тоа да се врати, сега важат законите, ние ги почитуваме законите – нагласи Николов, додавајќи дека општината треба да плати отштета од 3,5 милиони евра за дивеењето на ВМРО-ДПМНЕ.