Од Владата информираат дека премиерот, Зоран Заев, денеска одржал консултативна средба и координација со амбасадорот Васко Наумовски за претстојните активности како дел од новиот циклус разговори со Грција поврзани со спорот за името.
„На оваа средба, на која присуствуваа и заменик претседателот на Владата задолжен за евроинтеграции Бујар Османи, и министерот за надворешни работи Никола Димитров, е констатирано дека за средбите на медијаторот Метју Нимиц со амбасадорите Наумовски и Василакис, кои се закажани да отпочнат на 11 декември, е постигната позитивна клима и во Република Македонија и во Република Грција“, велат од Владата.
Од таму додаваат дека во разговорот на оваа средба меѓу Заев, Османи, Димитров и Наумовски, е оценето дека за решавањето на оваа прашање од особена важност се инклузивноста, како и потребата од кохезивност во ставовите за ова прашање од врвен национален интерес за Република Македонија.
Средбата на амбасадорите со посредникот на ОН ќе се одржи овој вторник во Брисел.