Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, претпладнево се сретна со амбасадорката на Босна и Херцеговина, Лепа Бабиќ, со која разговараше за потребата од што побрза разврска на политичката криза во Македонија.
– Очекуваме во понеделник да се избере новиот претседател на Собранието кој ќе го извести Ѓорге Иванов дека е должен веднаш да ми го даде мандатот за состав на новата реформска Влада – рече Заев.
Тој потенцираше дека никој не смее да ги блокира институциите за лични цели и затскривање на одговорност за направениот криминал.
-Знаеме дека имаме работа со неразумно и исплашено раководство на ВМРО-ДПМНЕ коешто е подготвено да ги жртвува интересите на граѓаните и државата и затоа внимателно ги движиме процесите. Но граѓаните избраа промени и тие ќе се случат – рече Заев.
Инаку, од ДУИ денеска најавија дека за нов претседател во Собранието во понеделник ќе биде предложен Талат Џафери.