Лидерот на СДСМ, Зоран Заев преку порака на својот профил на Фејсбук ги повика верниците да останат дома за претстојниот празник Велигден, затоа што, како што вели, само така ќе ја добиеме битката против корона вирусот.
„Оваа година, Велики Петок, наместо во храмовите го прославуваме дома, во кругот на семејството.
Да го поминеме во тихување и подготовка за да ја дочекаме вечната недела на Воскресението. Нека продрат во нашите срца зраците на надежта и новиот живот и подвигот што го правиме на дело. Во нашата реалност со секојдневната борба со смртоносниот вирус, да ја прославиме победата над смртта.
Да ја чуваме надежта дека празникот на Воскресението Христово трае во продолжение од 40 дена. И дека во деновите на Вознесението оваа кризна состојба ќе биде надмината и ќе се вратат деновите кога ќе можеме да се собереме во нашите храмови и заедно да се израдуваме на Христовото Воскресение.
Додека да стигне таа очекувана вест – останете дома и со кругот на семејството дочекајте ја радоста на третиот ден, денот Велигден“, истакна Заев.