Заев: Во фокусот на Трајковски беа граѓаните и интересите на државата

by fokus

Ненадејната смрт на претседателот Борис Трајковски пред 15 години ни одзеде голем државник, безмерно сакан сопруг, татко, брат и пријател, сограѓанин кој со извонредна енергија, истрајност, мудрост и трпеливост, ја извршуваше највисоката функција во државата, рече премиерот Зоран Заев во обраќањето на Првиот молитвен појадок „Лидерство засновано на вредности“, што се одржа денеска во соработка со Меѓународната фондација на Борис Трајковски, по повод 15-годишнината од трагичната смрт на Трајковски.

Светот, забележа Заев, се соочи со фактот дека во тој тажен момент беше прекинат животот на државникот Трајковски додека беше во полн подем, со инспиративна политичка зрелост и политички континуитет што оставија длабока и неизбришлива трага во историјата на современата независна македонска држава.

Според Заев, Трајковски припаѓаше на генерацијата млади и современи европски политичари, кој во фокусот на своето внимание и посветеност ги имаше натамошната демократизација на општеството, почитувањето на човековите права, зајакнувањето на граѓанското општество, развојот на пазарната економија, владеење на правото и борбата против корупцијата и криминалот.

– Борис Трајковски ја извршуваше својата должност како претседател во еден исклучително тежок период за нашата земја. Искушенијата со кои се соочуваше исправено и храбро, во ниту еден момент не го поколебаа. Својата должност како претседател на сите граѓани и како врховен командант ја извршуваше со силен личен печат, со цврста истрајност и посветеност кон универзалните, највисоки етички и човечки принципи, во кои непоколебливо веруваше и во кои беше длабоко убеден дека се најдобриот избор, рече Заев.

Поврзани новости