Верувајќи во мултилатералниот пристап успеавме да се дигнеме над проблемите и заедно со нашите партнери во Европската Унија и НАТО да почнеме да закрепнување. И во сите тие услови рековме дека е време за дијалог за сите отворени прашања, рече премиерот Зоран Заев на кој попладнево во Берлин му беше врачена наградата за човекови права за 2020 година на Фондацијата „Фридрих Еберт“ (ФЕС).
Тој нагласи дека парите од наградата ќе ги донира во нашиот државен здравствен солидарен фонд во борба против Ковид 19.
– Првиот стих на нашата химна вели „Денес над Македонија се раѓа ново сонце над слободата, слободата е нашиот мотив сонцето е нашата инспирација. Би лажел ако кажам дека изминатите четири години се лесни. Не се, најрпво моравме да ја ослободиме држава од стегите на партизацијата и да донесеме професионализација,процес кој е голем, трае и ќе трае се до конечна слобода, рече Заев, додавајќи дека ја реконструирале економијата со инклузивен поглед правична за секого подеднакво, како и слободното судство.
Потенцира дека имаме одличен план кој го реализираат во борбата не само со вирусот туку и сите импликации кои тој ги носи, притоа, како што вели, држејќи ги во фокус сите потреби на граѓаните.
– Да потсетам на двата клучни договори кои ги постигнавме со нашите соседи и со кои историјата ја искористивме како алатка за градење на иднината, за создавање на нови мостови на соработка. Човековите права и правото на самоопределување на секој граѓанин не може да бидат предмет на дипломатски преговори и договори. Тие се потврдени и гарантирани принципи на меѓународното јавно право и придобивките од истото. Затоа непобитен е фактот дека македонскиот јазик и македонскиот народ се реалност, рече Заев.
Оваа награда ја посвети на сите генерации кои ја градеа и градат државата, и на секој кој дал придонес во формирањето цврсти темели на мирот и слободата.
– Да ги поттикнам и се надевам и инспирирам генерациите кои доаѓаат после нас. Борбата за демократија, општествена и економска правда не е конечен чин. Таа се менува, прилагодува, учи и секогаш без разлика на тоа колку некој ќе ја потисне, секогаш излегува на површина, додаде Заев.