Ако лидерите на ЕУ во четврток или петок донесат негативна одлука за почеток на преговори, или ако повторно одлучат да ја одложат одлуката, нашата Влада ќе биде мртва, не затоа што ќе бидеме пречувствителни, одлуката не зависи од нас, но мнозинството од парламентот ќе го изгубиме, рече премиерот, Зоран Заев, на денешната панел дискусија организирана од австрискиот институт „Карл-Ренер“ и фондацијата „Фридрих Еберт“ за ЕУ перспективите на Република Северна Македонија и домашните реформски процеси во Виена.
-Им ветивме на пратениците, им рековме да гласаат за промена на името, за промена на уставот, за прифаќање на договорите со Бугарија и Грција, затоа што ЕУ ни вети дека ќе испорача датум за преговори, а не за веднаш да станеме членка. Во оваа насока верувам дека ќе водат сметка да не им дадат простор на трети страни, и да не дозволат да се врати радикалниот национализам во земјата – предупреди Заев, кој додаде дека чекува нова информација од вечерашната средба меѓу Меркел и Макрон.
Коментирајќи го вчерашниот министерски состанок во Луксембург, Заев изрази жалење што министрите на ЕУ „немале доволно храброст да донесат одлука и да ја одржат мотивацијата кај Македонија и Албанија“.
-Проблем е Франција, знаеме дека реформи се потребни, но реформи се возможни парлалено со одржување на мотивацијата. Во спротивно национализмот, популизмот и радикализмот ќе се вратат. Балканот многу претрпе поради ова, учевме од тоа и сакаме да мрднеме напред за да станеме европјани. Ако го казнат најдобриот пример, како ќе го мотивираат Вучиќ, како ќе го мотивираат Тачи во Косово или како ќе ја мотивираат БиХ. Во нашиот регион има и голем интерес од Турција, Русија и Кина, за да навлезат во Европа и да бидат помоќни. Но тие не ни нудат владеење на право и демократија, го видовме тоа и сакаме демократија – посочи Заев.
Во овој контекст Заев рече дека агенти од други држави работат против слободата и демократијата и против НАТО интеграцијата на Македонија
Тој додаде дека не губи надеж и дека се уште е можно да се усвои нова методологија за преговарање, но исто така и да се донесе одлука за стартување преговори.