Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, на партискиот Конгрес во обраќањето пред делегатите зборуваше за идните цели и планови за кој ќе се залага СДСМ кога би била на власт. Тој порача дека е историска должност да се преземе обврската и да се заокружат процесите во државата кои се започнати.
-Сега во средната класа живеат многу мал процент на домаќинства. За време на оваа власт, Македонија стана држава со најголема социјална раслоеност во Европа, истакна Заев.
Како обврски кои СДСМ ќе ги преземе по доаѓањето на власт, Заев ги најави: укинување на радиодифузната такса, враќање на евтината тарифа на струја, создавање услови за слободни и професионални медиуми, укинување на екстерното тестирање, намалување на наставните содржини во основното и средно образование, враќање на автономијата на универзитетот и достоинствтото на професорите и воведување практична настава во средните училишта и факултетите.
Лидерот на опозицјата рече и дека СДСМ кога ќе дојде на власт, ќе спроведе попис на населението според меѓународни критериуми и стандарди. Нагласи дека избори ќе има, но мора да се исполнат сите предуслови за кристално чисти избори.