Се надевам дека Лазе Велковски ќе остане во МВР бидејќи е важен со неговото искуство, изјави премиерот, Зоран Заев, во пресрет на утрешната владина седница каде треба да се разгледува предлогот на министерот за внатрешни, Оливер Спасовски, за разрешување на Велковски од функцијата директор на БЈБ. Предлогот на Спасовски следи по скандалот со злоупотреба на службеното возило „ренџ ровер“ видено во Грција, а медиумите пренесоа дека во него се превезувала ќерката на Велковски.
-Се работи за понесување одговорност она што граѓаните бараат од политичарите, од носителите на јавните функции и слично… Секако јас верувам дека он ќе остане еден значаен фактор во МВР, бидејќи е важен со неговото искуство и е од помош на државата и државата треба да продолжи да го користи неговото искуство во работата. Исправен пред заканата и одредени закани кои во минатото биле насочени кон него и неговото семејство ја направил грешката и за таа грешка треба да се понесе одговорност. Владата на утрешната седница ќе го разгледа предлогот, и доколку одлучи да постапи по предлогот ќе разгледа и други решенија. Велковски е припадник на СДСМ и верува во политиките на СДСМ. СДСМ е единствен и сплотен пред вакви моменти. Се работи тука само за чин на понесување одговорност – изјави Заев.
Според процедурата, пред почетокот на владината седница би требало да се состане кадровската комисија. Претседател на комисијата е Спасовски, а членови се вицепремиерите Кочо Анѓушев и Хазби Лика, министрите за животна средина Дураку и за здравство Венко Филипче.