Непријатно е чувството за Декларацијата која Бугарија ја донесе во фаза на имплементација на Договор, пред одлуката на Европскиот совет. Јас реагирав, и секогаш ќе реагирам, тоа ми е должност, но нема да дозволам да предизвикам кавги од кои повторно ќе има неповратни вентили кои што ни ја заглавуваат државата по 10-тина години, како што бевме заглавени со Договорот со Бугарија од 2009 година, а често беа испраќани и сензитивни пораки од Бугарија за нашиот евроинтеграциски процес. Таквото време не би сакал да се повтори.
Ова го истакна премиерот Зоран Заев, од собраниската говорница, одговарајќи на пратеничко прашање поставено од Ане Лашкоска од ВМРО-ДПМНЕ. Тој посочи дека иако Декларацијата побуди реакции овде во Парламентот и кај нашиот народ, бугарскиот премиер Бојко Борисов и министерката Екатерина Захариева биле едни од главните протагонисти што се бореле со аргументи за добивање на одлуката за старт на преговорите на Советот на министрите, а потоа и на Европскиот совет.
Тој додаде дека нашиот македонски јазики е признаен и прифатен во ОН во 1977, и оти верува дека европска Бугарија низ овие разговори конечно тоа ќе го верификува и потврди.
Одговарајќи и на Лашкоска, Заев истакна и дека не влијаел на работата на Комисијата за историски и образовни прашања.
– Ние се обидуваме да ги договориме сите различности кои што постојат меѓу нас и нив, а се однесуваат токму и на работата на Комисијата, која има за цел низ историските факти да изгради дополнително пријателство, а не дополнително непријателство. Исклучително јавно овде тврдам пред сите, и би било добро да го докажете спротивното, оти велите дека сум правел притисок врз Комисијата. Нашата Комисија е експертска, се работи за исклучителни професионалци, кои ги почитувам многу за тоа тоа што го прават во делот на разговорите, за нивната инвентивност, љубов кон татковината, кон нашиот идентитет, македонскиот јазик. Јас учам од нив и верувам дека преку развојот на стратегии ќе изнајдеме решение како што сме нашле и за досега четири историски поглавја прифатливи за двете страни, рече Заев.
Тој изрази уверување дека разговорите во комисиите ќе продолжат со многу внимание и меѓусебно разбирање и почитување, кое ќе доведе до решенија за сите други прашања.
– Одговорно тврдам дека ниту ми паднало на памет, ниту ќе ми падне да правам притисок врз која било Комисија, регулаторно тело, независно тело, па дури и министер во Влада.., потенцира Заев.
Тој додаде дека нашиот македонски јазики е признаен и прифатен во ОН во 1977, и оти верува дека европска Бугарија низ овие разговори конечно тоа ќе го верификува и потврди.