Премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев денеска истакна дека веќе има најава за зголемување на парламентарното мнозинство, заради самата поставеност во Парламентот, но и како што посочи, заради националистичка реторика што ја имаат ВМРО-ДПМНЕ и Алијанса за Албанците и Алтернатива.
-Живееме во втората деценија од 21 век, сите треба да бидат еднакви граѓани и тоа е важно, а граѓаните не сакаат повторно кавги со соседите, со остатокот од светот, сакаат интеграциите да продолжат зашто носат економија, носат повисок економски стандард, кој веќе е видлив насекаде, рече Заев во интервјуто за телевизијата Канал 5.
Тој додаде дека парламентарното мнозинство ќе се зголеми, и оти има пратеници кои веќе ја даваат поддршката.
-После локалните избори ќе има период од 2,5 години во кој ќе нема избори каде ќе може да се одработи навистина јуначки за сите што сакаат да одработат, дали советници, градоначалници, пратеници, министри, премиерот сите заедно можат да одработат и да се приклучат на прогресивниот дел на државата, порача Заев.
Тој истакна дека сите големи крупни одлуки на државата се донесоа заради подигање на економскиот стандард на нашиот народ. Како што напомена, и пратениците и граѓаните сакаат да бидат на страната на успехот на страната што води напред.
-Во овој случај ја имаат понудата токму кај нас во делот на „Најдоброто“ и во делот на програмата и на кандидатите, и верувам дека таквата определба што се потврдува во шест изборни циклуси ќе се потврди и на овие избори, истакна претседателот на СДСМ Зоран Заев