Премиерот Зоран Заев утре и задутре (15 и 16 септември) ќе биде во дводневна работна посета на Грција, каде ќе учествува на конференција на угледниот магазин „Економист“ и ќе има работен ручек со грчкиот колега Кирјакос Мицотакис, соопштија од Владата.
Средбата со Мицотакис е на агендата за во среда, а на неа ќе ѝ претходи и средба со претседателката на Грција Катерина Секеларопулу.
На конференцијата „24-та тркалезна маса со грчката Влада“ која ја организира „Економист“, годинава ќе доминираат теми поврзани со справувањето со пандемијата, а Заев ќе има свое обраќање на панелот посветен на Западен Балкан.
-Заедно со него, на овој панел, посветен на прашањата за проширувањето на Европската Унија и реформите што треба да се спроведат, како и за трговијата и инвестициите, ќе дискутираат и поранешните претседатели на Црна Гора и Србија, Филип Вујановиќ и Борис Тадиќ, поранешниот премиер на Босна и Херцеговина Златко Лагумџија, како и поранешната министерка за надворешни работи на Грција, и актуелна пратеничка од партијата Нова демократија, Дора Бакојани. Меѓу најавените учесници на дводневната конференција се и грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, министри од грчката Влада, меѓу кои, за надворешни работи, за здравство, за одбрана, за инвестиции, поранешниот претседател на Франција Франсоа Оланд, шефот на кипарската дипломатија, амбасадорот на САД во Грција и други, соопштија од Владата.
Во делегацијата со Заев ќе бидат и вицепремиерите за европски и за економски прашања, Никола Димитров и Фатмир Битиќи и министерот за надворешни работи Бујар Османи.