Премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев се уште не ја доставил оставката што ја најави во неделата вечерта во Собрание, како што предвидува официјалната процедура.
Од Собранието за „Фокус“ брифираат дека оставката се уште не е стигната, а Заев не одговори на нашето прашање дали и кога ќе ја поднесе оставката или можеби се премисли. Од неделата Заев се нема појавено во јавност, а Владата за денеска закажа редовна седница.
Заев вчера во Влада имаше средба со коалиционите партнери кои по средбата беа категорични дека се против оставката на Заев, а дел од нив го убедувале и да ја повлече. Во меѓувреме претседателот на општинската организација на СДСМ од Куманово, Мартин Костовски покрена иницијатива за собирање на потписи Заев да остане на лидерската и премиерската функција.
Членот на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки го обвини Заев дека не си стои на зборот и дека блефира со оставката.
-Зоран Заев повторно блефираше и остана на фејсбук оставка, но не ја достави со допис до Парламентот. Оттука се гледа дека оставката на Заев е иста како и оставката на Филипче, ја поднесе за да не биде прифатена и потоа да одбегне одговорност. СДСМ не си стои до зборот и повторно ги потценува граѓаните. Политиките на Заев и неговиот систем се жестоко поразени. Народот гласаше за промени. Ова што сега го гледаме од СДСМ е препелкање во сопствената кал и продлабочување на поразите, изјави Ковачки.
Во неделата вечера по поразот на локалните избори, Заев изјави дека поднесува оставка и од премиерската функција и од лидерската позиција во партијата. Сепак, според процедурата тој треба оставката да ја поднесе до Собранието, а според Уставот со тоа во оставка е целата Влада.
По доставување на писмената оставка, претседателот Стево Пендаровски треба да го даде мандатот за состав на Влада на кандидат на партиите кои имаат мнозинство во Собранието. Значи оној кој има поддршка од 61 пратеник може да одлучи да формира нова Влада или да го распушти Собранието и да се оди на предвремени избори. Предвремени избори ќе се одржат ако 61 пратеник гласаат за распуштање на Собранието.
Ф.Ф.С.