Заев: УКИМ е достоен продолжувач на визијата и просветителското дело на Светите браќа Кирил и Методиј

by Fokus

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев упати писмо со честитки по повод празникот 24 Мај – Ден сесловенските просветители Светите Кирил и Методиј до ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје, кој е воедно и патронен празник на нашиот прв државен Универзитет.

-Дозволете ми во мое лично име и во име на Владата на Република Северна Македонија вам како ректор на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, на деканите, продеканите, професорите, сенаторите и на сите студенти да ви го честитам 24 Мај, Денот на сесловенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј и патрониот празник на УКИМ. Историјата на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ е нераскинлив дел од историјата на Северна Македонија, кој изминатите 72 години како првиот државен универзитет во нашата земја ја исполнува својата мисија на еден од столбовите на нашата државност, нагласи премиерот во честитката.

Тој нагласи дека УКИМ како достоен продолжувач на визијата и просветителското дело на светите браќа Кирил и Методиј досега има создадено околу 150.000 високостручни кадри, над 10.000 магистри и специјалисти и околу 4.000 доктори на науки во сите наставно-научни области.

-Делото со кое нè задолжија светите браќа Кирил и Методиј како основачи на првото словенско писмо и оставија драгоцено цивилизациско богатство за македонскиот народ, како и за сите словенски народи, нé поттикнува да размислуваме и дејствуваме, без предрасуди, да ги негуваме нашите вредности и да ги почитуваме другите, истакна премиерот.

Во честитката тој наведува дека УКИМ исполнувајќи ја својата дејност како автономен вруток на знаењето, науката и образованието обезбедува наставна, научна и апликативна дејност во природно-математичките, техничко-технолошките, медицинските науки и здравството, биотехничките, општествените и хуманистичките науки и во уметностите.

-Воедно овој наш престижен Универзитет останува посветен на негувањето и чувањето, но и на меѓународната афирмација на традиционалните обележја и вредности на македонскиот народ и македонскиот јазик, на нашата историја, литература и култура, како и на културните вредности на сите други етнички заедници во Северна Македонија, вели Заев.

Потсетува дека годинава Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, темелникот околу кој се издигна УКИМ, одбележува значаен јубилеј, 100-годишнината од раѓање на неговиот патрон, на великанот на македонската култура како најзаслужен за утврдувањето на македонскиот стандарден јазик.

-Токму во чест на Џинот од Небрегово, чие дело е светски признато ова одбележување, е дел од Календарот на важни меѓународни јубилеи поддржани од страна на УНЕСКО, напиша премиерот.
Нагласи дека врвен приоритет за Владата е зголемувањето на инвестициите во високото образование. Во согласност со добрите европски практики да бидат унапредени условите за работа и студирање, како и достапноста, особено за лицата со попреченост на системот, обезбедувајќи квалитет и ефикасност.

-Оваа Влада успеа да постигне Колективен договор за високо образование и наука со кој прв пат по 30 години се уредува системот на плати во високото образование и се спречуваат неизвесностите на кои со години беа изложени научниот, наставниот и ненаставниот кадар во високото образование. Јас како премиер и оваа Влада, Ве уверувам дека остануваме посветени на активната поддршка на развојот на универзитетската и на образовната дејност. Нека ни е честит и вековит 24 Мај, Денот на сесловенските просветители, Светите Кирил и Методиј! Нека е честит патрониот празник на УКИМ!“, напиша Заев во честитката.

Поврзани новости