Софтверот за сообраќајни прекршоци е регуларно набавен, преку јавна набавка, авторските права за него се во сопственост на Владата, а за тестирањето е известено Бирото за јавна безбедност.
Ова е одговорот на премиерот Зоран Заев од собраниската говорница на прашање на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Велјановски за софтверот којшто го набавил поранешниот генерален секретар во Владата, Драги Рашковски во износ од 81 илјада евра.
Рече дека Јавното обвинителство и ДКСК се обратиле до Владата и оти службите имаат наредба да постапат со сите информации и процедури за целата оваа набавка за софтверот.
-Генералниот секретар, согласно закон и согласно деловник, има право да прави анализи и да ги доставува до Министерството за одредени дејности, надлежности на Владата, истакна Заев.
Повтори дека софтверот е изработен од ФИНКИ и Друштвото „Инвока“ ДООЕЛ Скопје е целосно оспособен, тестиран, предаден со изворен код кој е наменет за следење на сите прекршоци.
-Создаден е за различни камери, не фаворизира ниту еден хардвер и може да регистрира широк спектар на разни сообраќајни прекршоци. Претставува автоматизиран систем што го елиминира човечкиот фактор при одлука за санкционирање на сообраќаен прекршок и со оваа функционалност значајно ќе го подобри регулирањето и почитувањето на сообраќајните правила, рече Заев.
Истакна дека е извршено тестирање на софтверот при што е констатирано целосно функционален и ефикасен и оти ќе биде ставен во функција кога за тоа ќе се извршат потребните синхронизации со базите на податоци од институциите, што треба да го надополнат неговото работење и потребните законски усогласувања.
Повика и да се соопштат јавно сите детали од истрагата на Јавното обвинителство и Државната корупција за спречување на корупцијата за оваа јавна набавка.
Рашковски е во фокусот на јавноста откако „360 степени“ објави дека набавувал софтвер за сообраќајни прекршоци без да се консултира со Министерството за внатрешни работи и којшто се уште не се употребува.