Заев тврди дека Латас му плачел во кабинет, Латас вели дека се виделе само во Сител

by Фокус

Поранешниот премиер Зоран Заев реагира на обвинувањата на Драган Павловиќ – Латас, кој во поткастот на Стефан Лазаров рече дека тој „се обидел да го уништи и него и целото негово семејство за да му се одмазди, дека паднал во депресија поради прогонот на СЈО и дека дури размислувал да се самоубие“.

-Многу лош и злобен човек. Му помогнав и нему и на неговиот син кој требаше да се лечи во Германија, дојде да ме моли и да плаче во кабинет кога станав премиер. Јас простувам и не сум злопамтило, особено помагам на оние кои се во невоља без разлика што направиле против мене и моето семејство. Нека му служи на чест што ниту е благодарен, па дури и ја манипулира и лаже јавноста дека сум сакал да му наштетам и да му се одмаздам – рекол Заев за Мактел.

Во врска со тоа, се огласи Латас преку фејсбук, истакнувајќи дека никогаш не се сретнал со Заев, освен, како што вели, при неговото гостување во Сител.

„Никогаш, ниту телефонски, не сум разговарал со него, и немам негов телефонски број. Заев лаже. Заев лаже. Заев лаже, ама тоа ви е на сите познато. Но, ни јас не сум верувал дека е гнаса до ова ниво. Да изјави дека сум плачел кај него во канцеларија за да молам помош да се лекува мојот син во Германија е најдолна можна манипулација со трагедија на едно семејство во таква ситуација и со судбина и состојба на, во тоа време, болен млад човек“, напиша тој.

Поврзани новости