Заев-Трента: Поддршка и помош од Италија за евроатлантските аспирации на Македонија

by fokus

Премиерот Зоран Заев денеска оствари средба со италијанската министерката за одбрана Елизабета Трента, на која било разговарано за претстојниот референдум и идното членство на Република Македонија во НАТО и Европската унија, како и за соработката меѓу двете земји.

На средбата со министерката Трента, која со повеќечлена делегација е во официјална посета на нашата земја, премиерот Заев бил придружуван од вицепремиерката Радмила Шекеринска и повеќе свои соработници.

Премиерот Заев, како што информираат од владината прес-служба, посакувајќи и топло добредојде, со министерката Трента разговарале за претстојниот референдум, како историски момент, кој означува почеток на остварување на евроатлантските аспирации на Македонија, кои се долгогодишни стратешки приоритети на земјата.

Во разговор за идното членство на Република Македонија во НАТО и Европската унија, министерката Трента го поздравила ентузијазмот на премиерот Заев и подвлекла дека доаѓа во Македонија да ја искаже поддршката на Италија за евроатлантските аспирации на Македонија и да понуди помош, доколку е потребно, за да се развива и понатаму пријателството меѓу двете земји и останатите земји во регионот на Западен Балкан.

Министерката Трента, на премиерот Заев, се вели во соопштението, му порачала дека референдумот е важен за македонските граѓани, но и за сите други пријатели кои ја поддржуваат земјата и нејзините заложби за влез во Европската унија и НАТО.

Поврзани новости