Заев телефонски разговарал со Саливан за спроведувањето на Преспанскиот договор

by fokus

Премиерот Зоран Заев денеска телефонски разговараше со заменикот државен секретар на Соединетите Американски Држави Џон Саливан и изрази благодарност за силната поддршка на САД за време на целиот процес на спроведување на Договорот од Преспа.

Како што соопшти владината прес-служба, Заев го запозна Саливан со активностите на Владата на Република Северна Македонија во врска со спроведувањето на обврските од Конечната спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите нации, односно од Договорот со Грција.

-Двајцата соговорници за време на телефонскиот разговор се согласија дека успешниот епилог на Договорот од Преспа, како и постапката на ратификацијата на Протоколот за пристапување на Република Северна Македонија во НАТО, е од исклучително значење за двете земји, но и за регионот, наведува прес-службата на Владата.

Премиерот  истакна и дека Република Северна Македонија останува на својот долгорочен и стратешки интерес за дополнително развивање и проширување на односите меѓу двете земји, особено во делот на економските релации.

Заев и Саливан го споделиле заемниот интерес и определба двете земји да останат посветени на прашањата за мирот и стабилноста на земјата и на регионот. Во таа насока, Саливан ја изразил неговата постојана поддршка за Преспанскиот договор и истакнал дека со нетрпение чека да и посака добредојде на Северна Македонија како 30-та членка на НАТО.

Поврзани новости