Заев: Свесни сме за жолтиот картон од УНЕСКО

by fokus

Свесни сме за жолтиот картон од УНЕСКО. Иако во јули може да има поинаква одлука, ние очекуваме Охрид да остане заштитен под УНЕСКО, но како наследство во опасност. Тоа е аларм за сите, прво за нас институциите, но пред се и за граѓаните, рече премиерот Зоран Заев во неговото гостување на телевизијата „Клан“.

Премиерот појасни дека експертската група на УНЕСКО која што го подготви извештајот беше во земјава во јануари 2020 година и додаде дека од тогаш до сега преземени се доста чекори.

-Прифаќам дека УНЕСКО неколку години нé предупредува, но по присуството на експертите од УНЕСКО во извештајниот период е направено многу. И минатото лето и ова лето. Континуирано ја поздравуваме акцијата на отстранување на бесправните градби околу плажите од страна на Охрид, за жал тоа се уште не можеме да го направиме за Струга, апелирам и Струга да постапува на соодветен начин. Инвестиравме многу во реконструкцијата на колекторот и на негова доизградба до Радожда. Сега веќе нема шанса да се добие дозвола за градба без мислење на Комисијата за спроведување на Планот за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот регион, нагласи премиерот Заев.

Тој истакна дека значајно е и што оттогаш наваму се прекинати двата регионални патишта заради тоа што не биле предвидени согласно внимателноста и планот со управување со УНЕСКО, а дополнително е стопирана било која следна активност на железничката пруга Кичево – Лим и се прави изместување на таа пруга, надвор од заштитниот коридор на УНЕСКО.

Тој додаде дека креирани се и посебни комитети со Албанија за координација и заштита на Охридското Езеро.

-Ние го делиме Охридското Езеро, а со тоа ја делиме одговорноста за неговата заштита. Во едни такви околности многу е важно граѓаните, стопанството, сите да сфатат, ако изгубиме статус на УНЕСКО ќе изгубиме се што имаме во Охрид на што се гордееме. А тоа е туризмот, потенцијалите, секако развојот, живеачката на граѓаните, не смееме да дозволиме, предупреди Заев.

Тој додаде дека треба да се исфрлат од главите сите замисли за мегаломанство. -Треба да си ги тргнеме од главата сите наши замисли за мегаломанство како што постоеше барем во времето на Никола Груевски, кога се повикуваше Субрата Рој со големите мегаломански проекти, па се градеше се и сешто, се навлегуваше внатре во езерото, денес сето тоа е минато, кажа Заев.

Поврзани новости