Свети најсилно овој свет празник. Свети од сите Македонци и Македонки кои ги вградија своите копнежи, своите стремежи, своето знаење и своите животи во создавањето, негувањето и развојот на нашата држава. Силно е осветлен 8 Септември и од сите неброени припадници на сите етнички заедници кои заедно со своите сограѓани, соседи и пријатели, ја споделуваа идејата и определбата за своја, наша, заедничка држава, рече премиерот Зоран Заев во обраќањето по повод одбележувањето на јубилејот – 30 години од независноста.
Според него, од најдоброто во минатото создадовме држава со сосема извесна европска иднина. Нема никогаш и да заборавиме – во еден период бевме заробено општество, изолирана држава. Стоевме во место, скарани со демократскиот свет. Денеска сме напредна, отворена земја, пријател со демократскиот свет.
Тој повтори дека стремежот за независна држава е вековниот идеал во македонската историја. Пред 30 години, на 8 септември, идеалот, кој за многу генерации беше само мечта, после 46 години државност во рамките на сојузот на поранешните југословенски држави, стана реалност.
Денес, додаде, Северна Македонија има сосема извесна европска иднина, јасна идеја и јасен пат кои водат до подобар живот на сите нејзини граѓани. Работите се менуваат кон подобро. Северна Македонија е граѓанска држава и слободна татковина на сите граѓани и на сите етнички заедници – Општество за сите. Едно, единствено и еднакво. Нашето место во Обединетите Нации е кристална и недвосмислена потврда за македонскиот јазик и за македонскиот идентитет. Македонскиот јазик се користи слободно секаде во сите меѓународни институции, активности и настани, рече Заев.
Тој како успех на државата ги спомена Договорот за добрососедство, пријателство и соработка со Бугарија и Договорот од Преспа со Грција и членството во НАТО, но и евроинтеграциските определби.
-Советот на ЕУ даде едногласно зелено светло за почеток на преговори со Северна Македонија. Сите земји членки на ЕУ се согласија на тоа, вклучително и Бугарија. Имаме серија исклучително позитивни извешти од Европската комисија за реформскиот напредок. Според тие извештаи ние сме подобри од другите земји кандидати, па дури и понапред од некои земји кои веќе преговараат. Нашите резултати и капацитети и нашата подготвеност за почеток на преговори се неспорни. И најважно од се, постојано и забрзано се европеизираме. Секој ден, се повеќе, порача тој.
Тој во оваа прилика потсети и дека Денот на независноста го одбележуваме во посебни околности предизвикани од КОВИД-пандемијата, но порача дека на неа треба да гледаме како на уште една битка за победа.
-Почитувани Македонци, Албанци, Турци, Срби, Роми, Власи, Бошњаци… Почитувани Бугари, Хрвати, Црногорци, Грци, Словенци и сите други, Северна Македонија е земја на сонцето. Земја на светлината. Народот и поетите тука пееја дека секогаш со орелски крилја им се враќаат на Охрид и Струга за да ја згрејат душата додека сонцето светло зајдува зад горските убавини. Тука каде што дарбите природата со сета раскош ги дарила. Да си ја чуваме оваа убава држава. Да си ја чуваме светлината дадена од пред векови и векови, и да останеме деца на светлината. Застапници на добрината, на честа, на достоинството, на почитта кон другиот, на добрососедството, заклучи премиерот Зоран Заев кој во обраќањето изрази посебна почит и благодарност до првиот претседател на самостојна Република Македонија Киро Глигоров, до претседателот Борис Трајковски и првиот премиер во самостојна Република Македонија Никола Кљусев.
Програмата продолжува со сплет од познати нумери специјално аранжиран за оваа пригода, отпеан на јазиците на седум етнички заедници кои живеат во Република Северна Македонија, ќе изведат Вера Милошевска – Јосифовска, Јехона Шакири, Елеонора Мустафовска и Минела Богдановиќ, во продукција на Димитар Димовски.
Во рамки на културно-уметничкиот дел потоа, следува аудиовизуелниот перформанс врз зградата на Парламентот, со наслов „Минато, сегашност, иднина“ на Емил Петров, Петар Џон и Глигор Постоловски.
Во завршниот дел на музичката програма е предвидена изведба на антологиски забавни песни што ќе ги исполнат Мики Јовановски Џафер, Никола Перевски Пере, Тамара Тодевска, Дешира Ахмети, Џон Илија Апелгрен, Ристо Вртев, Светлана Јовановска, во придружба на Филхармонијата на Северна Македонија како и инструменталната изведбата на албанската народна песна „Бареша“. За крај на одбележувањето е предвиден и свечен огномет.