Откако новинарот Томислав Кежаровски вечерва по итна постапка беше спроведен во истражниот затвор Шутка, на својот фејсбук профил се огласи лидерот на опозицискиот СДСМ, Зоран Заев, според кој ова е најкукавичкиот, најподлиот, најсрамниот и најбруталниот чин на урнисување на човековите права.
– Итното приведување на новинарот Томислав Кежаровски за издржување на затворската казна е настан, од кој треба да се срами цела држава. Вечерва и на најзакоравените поддржувачи на ВМРО ДПМНЕ и на сите оние кои се уште веруваа дека постои барем една трошка од некаква слобода и демократија во оваа наша земја, веројатно им станува јасно дека Македонија ги губи сите нишани на една нормална држава. Сега и најголемите скептици во рангирањето на Македонија на 123 место во слободата на медиумите, зад Мали, Либан , Конго , Никарагва, Уганда, Мозамбик и други слични земји, стануваaт свесни за поразителната вистина дека Македонија е на работ на бездната од која нема враќање. По кој знае кој пат Груевски со лик на најголема кукавица ја применува излитената тактика, во негово отсуство да теледиригира бездушно злосторство, демонстрирајќи сила и грубо кршење на сите можни човекови права – истакна Заев.
Тој додава дека Груевски, самиот и нанесува душевна болка на Македонија и нејзините граѓани и затоа треба да му биде јасно дека злосторството нема да остане неказнето.
– Не е прв пат власта да си игра со човечки души и судбини, но нека знае дека тоа ќе и биде последен пат. Засрамeте се од нечовечкиот однос кон човекот, новинарот Кежаровски. Но бидeте сигурни, на ова ваше лудило му доаѓа крајот – тврди Заев.