Конгресот на СДСМ вечерва ги утврди носителите и кандидатите на листите за претстојните избори. Лидерот Зоран Заев по завршувањето на конгресот рече дека нема дилеми дека тие ќе бидат победниците.
-Ова е коалиција со родово најизбалансирани листи. Со ваква понуда нема дилеми, ние сме победници на 12 април. Победници сме затоа што обединуваме, затоа што создаваме подобар живот. Економскиот напредок да биде уште посилен, затоа што само така ќе биде уште поодбро за сите. Им благодарам на сите коалициони партнери кои предложија чесни кандидати на листите. Задоволство е да се соработува со вас и тоа ќе продолжи. Сега кога државата е на вистинкиот пат, важно е државата да продолжи по тој пат. Ви даваме збор: нема да застанеме со мерки и политики за напредок на државата, нема да дозволиме враќање назад, рече Заев.
Во единицата листата ќе ја предводат Никола Димитров и Мила Царовскa. Во двојката на чело ќе бидат Оливер Спасовски и Сања Лукаревска.
Листата во изборната единица 3 ќе ја предводат Љупчо Николовски и Јагода Шехпанска, а во изборната единица 4 Зоран Заев и кандидат од коалицијата.
На чело на петката ќе бидат Радмила Шекеринска и Јован Митревски, додека во шестката тоа ќе биде Билал Касами од колициониот партнер Беса, како и Фаница Николовска.