Претседателот на СДСМ на вчерашната трибина на СДСМ и Коалицијата „Можеме” одржана во Чаир, упати порака до младите да останат во државата и да се борат за напредок и развој, за европеизација на државата преку процесите на преговори со ЕУ и членството во НАТО.

– Една порака до младите луѓе, да не размислуваат за надвор. Таму во Германија, во Швајцарија, во Италија, во Австрија можеби земаат поголема плата, но кога ќе дојде крајот на месецот и ќе ја платат киријата и сите сметки не е тоа нешто значајно што им останува за живот. Таму развојот го достигнал своето ниво, реформите се случиле, предизвикот е завршен, а животот е еден. Таму ќе се возат горе на бранот, да, и животот ќе помине. Но предизвикот е овде. Овде е борбата. Овде се случува европеизацијата на државата. Овде ќе бидат реформите што треба да ги правиме. Овде ќе се крева економскиот стандард на народот. Затоа, нека останат тука, тука да се борат. Тука се остава трага. Затоа драги млади луѓе, останете дома! Јас и овие луѓе околу мене ќе се бориме, да се борите и вие! Ова е ваша земја, има да се бориме дома, оти тоа е патриотизам!”, рече претседателот на СДСМ Зоран Заев во Чаир.

Во обраќањето, меѓудругото претседателот Заев посочи дека денес, патриотизам е да се подигне економскиот стандард и да се обезбедат што повеќе пари назад кај граѓаните.

– Денес, патриот е тој што си подава рака еден меѓу друг, што гради единство. Патриот е тој што го крева економскиот стандард и целата економија. Патриот е тој што за 2,5 години отвори 64.000 работни места, даде 300 проценти поголема социјална помош на најсиромашните, ја воведе државната социјална пензија, згрижи 12.000 стечајни работници. Патриот е тој што имаше храброст да ги укине квотите за лековите, да ја крене 40 проценти платата на специјалистите лекари, 25 проценти на медицинските сестри, 21отсто на наставниците и учителките, 31отсто на негувателките и воспитувачките, истакна Заев.