Претседателот на СДСМ, Зоран Заев до работниците и до сите граѓани на Република Северна Македонија испрати честитка по повод Меѓународниот ден на трудот – 1 Мај.
-1 Mај е ден симбол на храброста и одлучноста, на борбата за подобро утре, ден за признание на трудот, ден за уште поголемо залагање за правата на работниците.
Поради глобалната пандемија од коронавирусот, оваа година го одбележуваме во несекојдневни, вонредни околности, во кои солидарноста, тој взаемен однос кон другите, кон работниците е темел на нашиот морал. Целиот свет покажа солидарност, ретко видена досега – тоа се случува и кај нас. Пред се, граѓанките и граѓаните со почитување на мерките за заштита се солидаризираа со сите оние кои се во првите линии на борба со вирусот. Многумина изнајдоа креативни начини како да изработат заштитна опрема за нашите здравствени работнички и работници и многумина од нив тоа го направија бесплатно. Голем број индивидуаи и компании донираа храна за најзагрозените семејства. Државата се погрижи секторите кои беа најмногу погодени да добијат диркетна финансиска помош со која ќе се задржат работните места. Се бориме за работните места и за основен приход на секој наш човек, вели Заев во честитката.
Тој појаснува дека синдикалните здруженија ја посочија опасноста од можни негативни ефекти врз работниците во приватниот сектор.
-Тука сме да им кажеме на сите: злоупотребите не смее да се толерираат! Заедно ќе се бориме против сите обиди за кршење на работничите права или за загрозување на солидарноста. Фер и праведно е сега фирмите да им обезбедат достоинствен приход на своите работници и да ги задржат на работа, преку помошта обезбедена од државата. Оние компании кои непречено функционираа и за време на кризата, фер и праведно е да ги наградат своите вработени кои и во вонредни околности посветено работеле и создавале. Тоа е солидарност, тоа е праведност. Напредокот ќе го обезбедиме само ако работниците во нашата земја се вреднувани, мотивирани и почитувани, работници кои се сигурни и заштитени на своите работни места. Тоа го потврдивме во изминатите 2,5 години, со низа мерки и политики кои го вреднуваат трудот. Се бориме за достоинството на работникот, ја покачивме минималната плата од 9.000 на 14.500, ја покачивме просечната плата, а невработеноста ја намаливме на историски најмали проценти. Денес, кога заедно се трудиме да го видиме крајот на здравствената криза, заедно со сите граѓани и сите работници се движиме кон новата нормалност. За да ја постигнеме целта, мора секој од нас да даде свој придонес, сите да ги почитуваме мерките и така да обезбедиме брана за опасната зараза. Почитувани работници, вие сте моторот на македонската економија. На овој Први мај сакам да ви се заблагодарам за напорите што ги правите, за истрајноста што ја покажувате и за солидарноста која ве краси. Да продолжиме заеднички да се справуваме со кризата што го опфати целиот свет и сигурно ќе ја извојуваме најголемата победа со тоа што ќе ги задржиме работните места. Нека ни е честит Празникот на трудот!” , порачува Заев.