Како граѓанин на оваа држава, како родител и како одговорен политичар не можам да поверувам дека човечки органи и медицински материјали се третирале аматерски со потенцијална опасност заразите да се пренесат врз луѓето, напиша лидерот на СДСМ Зоран Заев на фејсбук, откако беше обелоденет случај со несоодветен третман на отпад.
„Подвигот на градскиот инспектор да упадне во „Еко клуб“, да направи фотографии и да ја фати на дело фирмата која опасниот отпад го третирала несоодветно, треба да претставува мотив за надлежните институции за што побрзо решавање на случајот. Јас и моите соработници нема да дозволиме некој да профитира врз здравјето на нашите сограѓани. Заврши времето кога никој не водеше сметка за екологијата и здравјето и кога се замижуваше пред вакви скандали“, порача Заев.
Тој истакна дека овој случај на тест го става Јавното обвинителство кое, според него, треба да покаже независност и политичка неутралност во утврдувањето одговорност на оние кои медицинскиот отпад го претворале во храна за кучиња-скитници.
„Но, овој случај е голем тест и за ВМРО-ДПМНЕ, партијата за која фактите говорат дека е поврзана со фирмата која го расфрлала медицинскиот отпад. ВМРО-ДПМНЕ добро знае дека тие што неодговорно се однесуваат кон јавното здравје ќе бидат казнети и од институциите и од граѓаните“, напиша лидерот на СДСМ.