Заев си заминува како премиер кој им крева слушалка на сите

Додека дел од министрите во владата остануваат затворени за јавност, премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев е спремен да одговори на секое новинарско прашање. Кои политичари се најтранспарентни

by fokus

И по еден месец откако седна на челното место на Град Скопје, новинарите тешко доаѓаат до новата градоначалничка Данела Арсовска.

За новинарите е научна фантастика да ја добијат градоначалничката лично на телефон за да прашаат нешто што ги интересира, или да закажат некаква средба со неа. Однесувањето на Арсовска и нејзиниот гард кон новинарите особено зачудува во околности во кои новинарите може многу полесно да дојдат до премиерот, отколку до новата градоначалничка.

Премиерот и лидер на СДСМ во оставка, Зоран Заев, по неговото заминување од владата и раководното место на партијата, ќе остане запаметен како еден од ретките премиери на политичар, со кого секој може да стапи во контакт, а особено новинарите.

Тој речиси цел час разговараше со руските пранкери, кои му се претставија како поранешниот украински претседател Петро Порошенко и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

Пред вториот круг од локалните избори, Заев им даде и директива на сите свои градоначалници, министри и директори да одговорат на секој проблем и поплака на граѓаните.

Ако јас кревам телефон, покрај сите мои обврски како премиер, ќе крева телефон и Петре и Дуле и сите, рече Заев на еден од партиските собири.

Речиси сите новинари што ги прашавме за транспарентноста на политичарите, го издвоија токму Заев како политичар, кој е најдостапен за комуникација.

Во последните години, политиката и политичарите во Македонија станаа подостапни за новинарите од кога било пред тоа. Несомнено, најголемата заслуга за тоа ја има премиерот Заев, кој неуморно одговара на безброј прашања од новинарите, без одлагања и во директна комуникација. Имам колеги кои со него разменуваат и по десетина пораки дневно, вели долгогодишниот новинар Сашо Орданоски, кој со години ги следи најважните политички случувања.

 

Заев како премиер постави темели на една нова политичка ера, постојана комуникација со новинарите.

Можеби никогаш нема да се врати на политичката сцена по оставките, но неговиот талент за политичка комуникација е неспорен, констатира и новинарката, која е најпрепознатлива по дебатните емисии, Биљана Секуловска.

Александра Митевска, долгогодишен политички новинар, која сега е дел од редакцијата на „360 степени“, се сеќава на периодот од 2002 до 2006 година, по безбедносниот конфликт во земјава.

Анализира дека тоа е период на политичка промоција на сегашните носители на највисоките  државни функции, претседателот Стево Пендаровски, кој во тоа време беше советник во кабинетот на тогашниот шеф на државата Борис Трајковски, претседателот на парламентот Талат Џафери, кој  во 2002 година  стана пратеник на тогаш, штотуку формираната ДУИ, а една година подоцна во парламентот влезе и досегашниот премиер Зоран Заев.

Тоа нивно калење низ политичките турбуленции во годините што следеа и нивниот континуитет во политиката, напредувајќи на различни функции, мислам дека се причината поради тоа што тие и денес се меѓу најтранспарентните политичари во земјава. Заев секако е најтранспарентниот меѓу членовите во неговата влада.

 Од аспект на транспарентноста, меѓу министрите би ги издвоила Никола Димитров, Радмила Шекеринска, Бујар Османи, вели Митевска, која меѓу најтранспарентните министри го издвојува и досегашниот министер за здравство, Венко Филипче.

Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.

Фросина ФАКОВА-СЕРАФИНОВИЌ

Поврзани новости