Заев: Секој предлог за законот за јавно обвинителство е вреден за внимание

by Fokus

Секој предлог е вреден за внимание, целта ни е да постигнеме  договор, изјави денеска премиерот Зоран Заев, прашан за коментар на предлог законот за Јавно обвинителство што го достави ВМРО-ДПМНЕ.

Заев посочи дека првпат слуша за предлогот и не сака да води преговори преку медиумите, но оти треба убаво да се разгледа решението за воспоставување обвинителство за гонење на висока корупција.

Предлозите ќе се разгледаат низ работните групи, потенцираше премиерот, укажувајќи дека не треба да се дозволат ситуации дека политичарите и партиите менуваат обвинители кога ќе им текне и да се договараат за нешто што е недозволиво.

– Не треба да дозволиме – седнале лидерите, партиите кога ќе им текне за да менуваат обвинители. Вилма Русковска има мандат од четири години, досегад  е  обвинител десет месеци. Вилма Русковска води многу предмети, лично таа и нејзиното обвинителство. Едни се настаните од 27 април и многу други и тоа е уште една причина буквално да не испраќаме порака дека политичарите меѓусебе тајно на работни групи се договараат каде што има допирни точки, таму каде што е недозволиво, а тоа е во делот на независното правосудство, изјави Заев.

Затоа, дополни, убаво да се разгледува решението за воспоставување обвинителство за гонење на висока корупција. Но, низ работните групи ќе ги разгледаме предлозите сега слушам првпат од вас дека е дојден таков предлог. Ќе ги разгледаме сите предлози. Секој предлог е вреден за внимание и заради тоа што целта ни е да постигнеме  договор, рече Заев, кој присуствуваше на пуштање во употреба на реновиран царинскио терминал во Ќафасан.

Прашан дали ќе има нова лидерска средба, Заев наведе оти верува оти работните групи за законот ќе сигналиизрат дали прашањето ќе се решава со или без партиските лидери.

– Секако тоа не е нешто коешто мора да го решиме само заради добивање датум за преговори. Тоа е важно и за пред граѓаните. Најави има заради тоа што има позитивни абери од двете  страни така да кажам дека сме подготвени да правиме чекор понатаму. Верувам дека работните групи ќе ни сигнализираат на нас лидерите кога треба да продолжиме. Дали по работни групи или со наше присуство без разлика, убаво е да го решиме тоа прашање, рече Заев.

Тој повтори дека е важно да се обезбеди континуитет на предметите и оти тоа е минимум очекување и од граѓаните и од Европската унија.

Според него, текот на истрагата за случајот „Рекет“ од сите аспекти, меѓу кои и транспарентноста и независноста во работењето на правосудството коишто биле покажани, е исчекор повеќе кон европеизација на државата.

– Јас мислам како оди истрагата, како е транспарентно водена, како демонстрира независност ЈО како дел  од правосудниот систем на РСМ, може да чекира уште едно практично завршување на борба против криминалот и корупцијата пред партнерите од Европската заедница заради тоа што покажуваме дека при вака сензитивни случаеви независност во работењето на правосудството, во конкретниот случај на ЈО каде што сопственик на медиум близок до власта е во притвор, каде што јавен обвинител е во притвор, истрагата допира до сите без разлика дали е политичар, бизнисмен или кој било од нашето општество. Тоа е вредност во европските земји и тоа може само буквално да ни се чекира, односно потврди, како еден исчекор повеќе кон европеизацијата на РСМ, рече Зaeв.

Поврзани новости