Премиерот Зоран Заев денеска ги повика иселениците да се попишат преку електронската апликација за да може да се добие јасна слика за нивниот број и за да може да се креираат стратегии и политики за намалување на емиграциониот бран и за обезбедување на трајни врски на државата со дијаспората.
– Ги повикувам нашите иселеници, целата дијаспора, да одвојат 10 минути од своето време и преку едноставната апликација да се попишат и со тоа да придонесат за подобра иднина и поквалитетен живот во татковината од која потекнуваат и каде што се надеваме дека повторно ќе се вратат. Ги повикувам и сите жители кои живеат во државата да ги пренесат овие информации до своите роднини и фамилии во дијаспората, зашто секој е важен, секој попишан е богатство за нашата држава, напиша Заев на Фејсбук.
Во статусот на оваа социјална мрежа, Заев наведува дека досега се попишани повеќе од 50.000 лица и оти македонските државјани кои подолго од една година живеат во странство имаат можност на едноставен начин, да се самопопишат и на тој начин да се впишат во базата на нерезидентно население преку линкот https://census.stat.gov.mk/.
– Целта на самоопишувањето на нашите иселеници во странство во што е можно поголем број е државата да има јасна слика за бројот на лицата кои се отселиле, нивната возрасна, образовна и економска структура, од каде се иселиле и во кој период. Овие податоци се од исклучителна важност за анализа и изработка на стратегии, за политики за намалување на емиграциониот бран и за обезбедување силни и трајни врски меѓу македонските граѓани кои живеат во Северна Македонија и во дијаспората, вели Заев.