Секое укажување на Венецијанската Комисија ќе биде вградено во Законот за употреба на јазиците, на тој начин ќе ги отстраниме конечно резервите кај било кој граѓанин, изјави денеска премиерот, Зоран Заев, откако од Владата соопштија дека Законот е испратен на мислење во Комисијата.
Во врска со Законот, Заев уште еднаш ја искористи приликата да ги смири граѓаните и да ги увери дека ничие право не е загрозено.
-Ова е дадено право кое до сега беше забрането, да не му се плашиме. Се работи за јазици, не е крај на светот. Тоа е уставно право е на нашите сограѓани, не повредува друго право и не претствува проблем. Денеска го испраќаме законот и алтернативните две одредби. Очекувам штом Венецијанската Комисија ги даде сугестиите ние веднаш да постапиме по нив – рече Заев.
На прашање за предвремени парламентарни избори заедно со претседателските и дали тие ќе ги одложат роковите предвидени за членство во НАТО и отворање преговори со ЕУ, Заев одговори:
-А да му го кажете тоа на Мицкоски, бидејќи тој бара избори? – праша низ смеа Заев.
Тој додаде дека СДСМ е за избори, но дека тоа не би било од корист за државата.
-Македонија трпеше поради прекин на мандат, во тој случај губи државата. Мој став е дека ако гледаме партиски, на СДСМ му одговараат избори, затоа што тоа го покажуват анкетите, но државата ќе изгуби од 3 до 6 месеци – порача премиерот.