458
Се враќаат надлежностите на кавадаречкиот суд кои беа одземени во минатото, порача меѓу другото денеска премиерот Зоран Заев на трибина со кавадарчани, на која присуствуваше и вицепремиерот Кочо Анѓушев.
Напомена дека Кавадарци и те како партиципира во буџетот и оти доаѓаат убави денови за за сите наши граѓани. Ја пофали соработката со градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев и општината, во интерес на сите.
-Ние со него можеме да бидеме политички различни во многу други работи, но кога се работи за граѓаните на Кавадарци моја должност како премиер е да им служам заедно со сите министри. Заедно работиме на квалитетни проекти, Кавадарци заслужува поддршка. Наша намера е некаде на крајот на годината да направиме пресек и ние како централна власт дополнително, еден дел од институциите сакаме да ги преместиме на сите општини во државата, како што се примарната здравствена заштита, центрите за социјални работи, институциите од областа на културата ако некаде сеуште не се децентрализирани, одредени нови приходи да создадеме во самите општини, во делот на шумските претпријатија, во делот на земјоделеското земјиште и во делот на други надлежности кои се ресурс за развојот, нагласи Заев на трибина во Домот на културата.
Во делот на концесиите значајни 78 отсто од приходите веќе влегуваат во општините.
– И ќе продолжиме во тој правец и да се движиме. Конечна цел ни е да создадеме квалитетна инфраструктура од водоводи, фекални и атмосферски канализации, убави локални патишта, да имаме убави спортски терени, спортски обејкти, верувам ќе се градат и многу нови спортски терени . Стартуваме со проектот ваучер за некој месец каде секој спортски клуб ќе добие ваучер, директно пари во вкупна вредност на ниво на држава. Плус шест милиони евра за самиот спорт. Животот е во културата, но животот е и во спортот, животот е и здравството и образованието. Во еден ваков амбиент верувам дека доаѓаат убави денови за сите наши граѓани, истакна премиерот.
Нагласи дека со градоначалникот разговарале и за големи проекти.
– Но моја должност е да покажам веднаш позитивна иницијатива за изградба на нова клучка на тарнсверзалата овде која што се отвора, за да го приближиме Росоман и целата Тиквешија, лесно да ја направиме пристапна за автопатските решенија кои се реализираат во целиот овој регион, но и еден голем дел на други квалитетни крупни проекти за Кавадарци и Тиквешијата. Знаете гасоводот доаѓа спрема Кавадарци. Важно е граѓаните на Кавадарци да знаат дека сме тука да служиме и да бидеме сервис на сите, додаде Заев во градот во кој како што рече, најмал е бројот на невработеноста.
Премиерот на трибината „Силна економија – шанса за сите“истакна дека реформите, новите економски политики и Договорот од Преспа, како и нашето членство во НАТО, кое е во процес на ратификација во парламентите на земјите члени на алијансата, поттикнаа силни и позитивни развојни економски трендови.
Тој потенцира дека дека 2018 година ја завршивме со рекордна вредност на странските директни инвестиции од 624,5 милиони евра, а стабилната политичка клима и поддршката на преку 250 домашни компании, обезбедија зголемен број на нови, добро платени работни места, постојан раст на просечната плата и трендови кои влијае на растот на БДП на државата како индикатор за општествен раст.