Премиерот Зоран Заев, придружуван од министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, се сретна со претседателот на Градежната комора на Македонија, Ивица Јакимовски и со членови на Градежната комора при Сојузот на стопански комори на Македонија. На состанокот беше вклучен преку интернет (on line) и заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи.
На средбата, како што соопшти владината прес-служба, се поздравени заложбите на премиерот Заев за подобрување на деловното опкружување во државава.
Истакнати се определбите на Градежната комора за продолжување на партнерскиот однос и за соработка во активностите, важни за развојот на економијата.
Разгледани се и конкретно, актуелните состојби во секторот градежништво и е разговарано за можностите за реализација на капитални инвестиции од значење, како за градежниот сектор, така и за граѓаните и за државата.
-Нашата цврста определба е раст на домашната економија, во што голем придонес може да дадат домашните фирми со активната работа, меѓу што и компаниите од секторот градежништво. Ја поддржуваме иницијативноста на Градежната комора да помогне во овој процес, што ја има поддршката на Владата, рече премиерот Заев на средбата со претставниците на Градежната комора на Македонија.