Од вонвременскиот 8 септември 1991 година на плоштадот во Скопје, до историскиот 30 март 2020 на платото пред седиштето на НАТО во Брисел, СДСМ е нераскинлив дел од секој успех на државата и граѓаните, порача премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев во онлајн обраќањето по повод 30-тиот роденден на СДСМ.
-Не било лесно во тие историски премрежја на Балканот да се гради сопствена независна држава, да се води процес на меѓународно признавање и неизвесната иднина да се преземе во сопствени раце. Но, народот е среќен што токму СДСМ ги водеше овие историски државнички процеси кои резултираа денес да имаме модерна, независна и меѓународно признаена држава која е партнер и сојузник со демократскиот свет. Затоа со право денес велиме дека СДСМ е државотворна партија и тој епитет постојано го потврдуваме – вели Заев.
Меѓународното признавање, приемот во ООН, создавањето на македонската армија, Охридскиот рамковен договор, поголемиот степен на децентрализација со територијалната поделба, градењето модерно демократско општество, па се до кандидатскиот статус за ЕУ, Договорот од Преспа, решавањето на отворените прашања со соседите, приемот во НАТО, создавање едно општество за сите, одлуката за почеток на преговорите со ЕУ се трајните државотворни печати на СДСМ, додаде Заев.
-Секогаш без задршки и без калкулации СДСМ работела работи и ќе работи во интерес на граѓаните и државата. Така беше и кога тргнавме да рушиме режим. Кога пред целата јавност преку проектот Вистината за Македонија до срж го разголивме режимот. Кога со илјадници граѓани со месеци ги преплавувавме улиците низ градовите борејќи се за правда, слобода и еднаквост. Така беше и на крвавиот четврток, на 27 април 2017 кога не потклекнавме пред оние беа жедни за крв и влегоа со оружје во Собранието, кои не дозволуваа да се испочитува волјата на народот – истакна Заев.
Тој посочи дека СДСМ победува на избори, но и постојано се менува.
-Воведовме нов принцип на работа, ја отворивме партија за нови идеи и нова енергија. Влеговме во процес на дигитализација ги следиме модерните текови за уште повеќе посветено и поефикасно да им служиме на граѓаните и државата. Први во државата организиравме внатрепартиски непосредни избори за претседател на партијата, поставивме нов стандард во внатрепартиската демократија. Промените ќе продолжат и со Конгресот кој ќе се одржи во мај, со нова енергија со нова политика ќе продолжиме во реализација на зацртаните цели што носат напредок – порача Заев.