Медиумското рекламирање е консеквентен дел од работењето на политичките партии. Сега СДСМ од сопствени пари, од сопствена сметка склучува договор по официјални ценовници што ги нудат медиумите за медиумски закуп и чесно од сметка на партијата си плаќаме, рече премиерот Зоран Заев во одговор на пратеничко прашање за медиумското рекламирање на СДСМ на денешната собраниска седница.
Медиумското рекламирање, потенцира тој, е целосно покажување на економските успеси на СДСМ, кој добил чест да биде предводник на извршната власт на Република Северна Македонија.
Според Заев, парите што ги троши СДСМ за медиумско рекламирање не се поголеми од 10 до 15 проценти од годишното финансирање што го имаат.
– Во минатото ВМРО-ДПМНЕ не плаќаше, освен за време на избори. Меѓу избори никогаш од партиска сметка не платил за своите реклами, а беа постојано присутни. Десетици милиони евра државни-буџетски пари се потрошија за промоција на политиките на ВМРО-ДПМНЕ, рече Заев.
Тој ги повика пратениците од ВМРО-ДПМНЕ да ги менуваат сите политики ако сакат да се надеваат на добра шанса да бидат сериозна силна опозиција за следниот период од четири години по 12 април.
На заеднички предлог на политичките партии, информира Заев, ќе се обезбеди буџет од над милион евра и за СДСМ и за ВМРО-ДПМНЕ, но и за сите 30-тина други политички партии во државата.