Во интервјуто за белградска Политика, македонскиот премиер Зоран Заев вели дека подобор е владата да го заврши целиот четиригодишен мандат, меѓутоа, додава тој, прашањето за предвремени парламентарни избори не зависи само од него, туку од општиот амбиент.
– Сите анкети се во наш прилог, а со напредокот во евроинтеграциите и со добивањето покана за НАТО, довербата меѓу граѓаните уште повеќе ќе ја зајакнеме. Но, прашањето е во аргументацијата. Јас велам дека е подобро секоја влада да го заврши својот целосен мандат доверен од граѓаните, да покаже резултати, па после да излезе на мегдан. Исто така, не е добро за економските циклуси постојано да има предвремени избори, тоа ги нарушува плановите на бизнисите и граѓаните. Се разбира, прашањето на предвремени избори не зависи само од мене, туку од општиот политички амбиент и од однесувањето на сите политички субјекти и во таа смисла, ние ќе постапиме согласно највисоките и вистинските потреби на граѓаните и државата, истакна Заев.