Заев: Ромите се нашиот потенцијал кој треба да се стимулира и да расте, стратешките определби на Ромите се и државни цели

by Fokus

Денеска одбележуваме 31 година од прогласувањето на 8 април за Светски ден на Ромите од страна на Обединетите нации. Важни јубилеи за Ромите оваа година се и 50 години од одржувањето на првиот Светски конгрес на Ромите во Лондон, како и 20 години од впишувањето на Ромите во Уставот на нашата држава. Денеска се потсетуваме на досегашни конкретни политики и мерки од непосреден интерес за ромската заедница, преку кои им се подобрија можностите за еднакво учество со останатите заедници, објави на својот фејсбук профил премиерот Зоран Заев.

Имаме, посочува премиерот, политичко преставување на Ромите во Владата, во мојот кабинет, во Парламентот, во институциите.

-Пропорционалната застапеност треба да продолжи да се рефлектира и во останатите ешалони на централната и локалната власт. Продолжува процесот на подготовка на новата десетгодишна Стратегија за Роми согласно Европските рамки, која треба да ја отслика реалната слика на Ромите во нашата држава, но и да обезбеди конкретни мерки за да имаме позабрзана интеграција на Ромите. Во 2021 година за имплементација на Стратегијата за Роми и Стратешките планови од приоритетните ресори за директни, таргетирани и генерални политики се планирани околу еден милион евра, истакнува Заев.

Со новиот Оперативен план за активни мерки за вработување, потенцира, имаме таргетиран пристап за ромската заедница, во кој планирани се 565 лица или 10 отсто од вкупниот број корисници, во пет програми за активација на пазарот на труд.

-Креиравме долгорочна мерка за економско зајакнување на ромската заедница преку Мечинг фонд за претприемништво за Роми. Креираме револвинг фонд од 2 милиони евра за кредит со поволна каматна стапка за ромските претприемачи за формализација на нивната дејност и за унапредување на бизнисот. Донесовме Закон за неевидентирани лица во матичната книга на родените, со што се решаваат проблемите на 680 сограѓани Роми, нагласува премиерот.

Посочува дека во тек е Предлог-законот за продолжување на процесот на легализација, преку што нашите сограѓани Роми имаат можност да добијат документи за сопствеништво на своите живеалишта, како чекор кон подобрување на условите за домување и подобрување на инфраструктурата во Ромските населби. Во соработка со Делегацијата на ЕУ, како што истакнува тој, се реализира проектот за обезбедување на типски куќи, наменети за социјално домување.

-Проектот започна во Кочани, а ќе бидат опфатени и Виница, Велес, Шуто Оризари, Штип, Прилеп и Битола. Ромите се нашиот потенцијал кој треба да се стимулира и да расте. Стратешките определби за Ромите, се и државни цели. Ромите во Република Северна Македонија имаат потенцијал да го предводат прашањето на сопствената интеграција и да бидат пример за останатите во регионот. Честит Меѓународен ден на Ромите! Bahtalo o 8 April – e Romengoro Maškardžijaneskoro Dive!, напиша Заев.

Поврзани новости