Каква било бројка на процентуална застапеност да покаже пописот нема да се одрази врз стекнатите права, Уставот, законите. Ова е одговорот на премиерот Зоран Заев на новинарско прашање да ја искоментира изјавата на пратеникот од ДУИ Арбр Адеми дека ДУИ нема да ги признае резултатите од пописот ако етничките Албанци во Република Северна Македонија излезе дека се под 20 отсто од вкупниот број на населението.
„Пописот е само статистичка операција која е повеќе за административни потреби и планирање и зад нејзиното спроведување и зад резултатите стојат СДСМ, ДУИ и останатите партии во владејачката коалиција. Стекнатите права на помалубројните народи се веќе стекнати и нив не смее никој да ги оспорува и назадува, без разлика на резултатите од статистичката операција“, рече Заев.