Разговорите со Република Бугарија продолжуваат, рекол премиерот Зоран Заев на средба во Владата со амбасадорот на Кралството Холандија, Дирк Јан Коп.
Тој, како што информираа од владината прес-служба, изразил и уверување дека спорот ќе се надмине во наредниот период.
Приемот на холандскиот амбасадор во кабинетот на премиерот следува ден по Самитот на ЕУ-Западен Балкан во Словенија, а учеството на нашата владина делегација било една од темите на кои Заев разговарал со Јан Коп.
Премиерот, велат од Владата, се заблагодарил и на искажаната поддршка од лидерите на ЕУ за европските интеграции.
Амбасадорот Коп, пак, упатил честитки за успешно спроведениот попис, потенцирајќи дека тоа е важен процес за успешно спроведување на политиките за подобрување на животот на граѓаните.
Воедно, Заев и Јан Коп разговарале и за претстојните локални избори, но и за економските односи помеѓу Северна Македонија и Холандија.