Укинување на екстерното тестирање, укинувањето на радио-дифузната такса, враќањето на евтината тарифа, веднаш донесување на закон за медиуми, зголемување на минималната плата, одредени социјални мерки, резибор на судството се дел од првите мерки што ќе ги донесе новата влада, најави лидерот на СДСМ Зоран Заев кој деновиве го очекува мандатот за состав на влада од претседателот Ѓорѓе Иванов во интервјуто за Радио Слободна Европа.
– Многу вакви решенија се веќе подготвени и јас верувам дека крајот на мај, почетокот на јуни ќе бидат донесени и секако едно решение кое мораме да го донесеме во Парламентот е промена на изборниот законик, заради одложувањето на локалните избори, верувам за на есен, но тоа го планираме во согласност со сите парламентарни партии – вели Заев.
Тој вели дека по крвавиот четврток во Собранието мора да се случи политичко помирување, национално помирување, меѓуетничко помирување, партиско помирување.
– Ние имаме политички непријател, други немаме. Тоа апсолутно значи дека секој ќе оди на Суд и ќе си понесе одговорност, но мораме меѓусебно да си ја испратиме пораката за простување ако сакаме да соработуваме. Се надевам на реформи и во ВМРО-ДПМНЕ, заради тоа што целото ова злосторство кое е на повидок и го видоа граѓаните на Македонија е докажливо злосторство, сè што се случи, тоа е со умисла. Заради тоа што на новата власт и треба силна опозиција. Убедени сме дека новата власт само преку силна опозиција ќе биде одговорна, отчетна, транспарентна и целосно насочена кон интересот на граѓаните – истакна Заев.
Според него, Специјалното јавно обвинителство е формирано со консензус на сите партии и сите пратеници во парламентот и тоа има своја намена и потреба за функционирање, опстојување и завршување за тоа што е формирано.
– Јас сум убеден и сакам, тоа да си ја заврши работата за која е формирано. Што значи да истражи сè што е поврзано и што произлегува од незаконското прислушување. Ако има докази да процесуира истраги и обвиненија, ако нема завршуваат истрагите тука. Тоа е она што го очекувам. Истовремено паралелно веднаш ќе мораме да ги отвориме процесите за независноста во судството. Ние докажавме дека нема правна држава во Македонија. Ветивме и чиста ни е состојбата по ова прашање – распуштање на судството и негов реизбор – додава Заев.