Заев-Рама: Постои наклонетост на земјите-членки за пристапувањето на Западен Балкан кон ЕУ

by fokus

Придонесуваме кон развојот на регионалната соработка и кон остварувањето на значајните стратешки цели на нашите држави, но и на сите држави од регионот, а тоа се интеграциите во Европската унија и НАТО“, оцени претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, во воведното обраќање на заедничката седница на владите на Република Македонија и Република Албанија, што се одржа попладнево во Поградец, Албанија.

Премиерот Заев оцени дека меѓувладината седница отвора ново поглавје во билатералните односи меѓу Република Македонија и Република Албанија и изрази почит за свеста за пријателската и ефикасна соработка меѓу владите на двете држави.

„Врз минатото, во сегашноста, работејќи на решенија што водат до спокојна и безбедна иднина на нашите граѓани и нашите земји, а не на нивно одложување, ние почитувани колеги, пријатели, градиме иднина – за Македонија, за Албанија, за регионот.“

Тој констатираше дека владите на Република Македонија и на Република Албанија испраќаат силна порака во регионот, дека двете држави имаат одговорни политички раководства коишто работат искрено и отворено, со цел да го подобрат  квалитетот на живот на граѓаните во двете земји и за добра и безбедна иднина на двете држави во евро-атлантското семејство.

„Постои наклонетост на земјите-членки на ЕУ за пристапувањето на Западен Балкан кон ЕУ. А отворени се шансите и за НАТО интеграции. Јас знам дека Република Македонија и Република Албанија ја споделуваат визијата за просперитетен и меѓусебно поврзан регион, интегриран во ЕУ и НАТО. Со право очекуваме дека идната 2018 заедно ќе започнеме преговори за членство во ЕУ, како Македонија така и Албанија“ рече премиерот Заев.

И премиерот на Република Албанија оцени дека денешната меѓувладина седница е ново поглавје во односите меѓу двете земји, не само на политички план туку и во сите други области. Претседателот на Владата на Албанија, Рама, го поздрави посебно придонесот на премиерот Заев во изградбата на Република Македонија во едно општество за сите, функционални институции и социјална кохезија, а рече и дека позитивно ги ценат добрососедските односи, како аспекти што придонеле кон интензивирање на односите меѓу државите.

 

Поврзани новости