Во текот на летото ќе се работи на ребаланс на Буџетот, среќен сум што приходите во него растат, рече премиерот Зоран Заев на попладневниот дел од седницата за пратенички прашања.
Во одговор на пратеникот Панчо Минов дали ќе се зголеми износот за надомест на штетите на земјоделците, на кои им беа исплатени пет милиони евра или 10 проценти од утврдените 50 милиони штети, Заев рече дека е направена максимална можност од расположивите пари. Не може да даде збор дека со ребалансот на Буџетот ќе се определат уште 10 милиони евра за оваа намена затоа што треба да се утврди од каде ќе се крати за да се обебзедат парите.
– Верувам кога е им е тешко на граѓаните, во време на штети, треба да се помогне и за таа работа определивме пет милиони евра. Еве ребалансот ќе дојде, ќе се работи во текот на летото, веројатно есента ќе го дискутираме и во Влада и во Парламентот, и ќе видите дека треба од нешто да земете за да може да определиме тука средства. Дури и дополнителни 10 проценти да определиме треба да кажеме од каде ќе кратиме, рече Заев.
Онака како што е поставен Буџетот, дополни, среќен сум што растат приходите. Податокот од денеска покажува дека наплатата на ДДВ во Буџетот во јуни годинава споредено со јуни 2017 е 54 проценти. Но, ова е само овој месец. Добро е што ДДВ во првиот квартал е зголемено за осум проценти, ова е економијата, и тоа ќе значи дека ќе имаме повеќе пари и тие ќе треба да се враќаат назад на граѓаните, рече Заев.
Пратеникот Илиевски упати критики за состојбата и растот на економијата, го критикуваше намалувањето на цената од струјата од 0,1 отсто, а побара одговор и дали Владата преку Регулаторната комисија за енергетика ќе овозможи намалување на цената на нафтените деривати.