„Денеска на седница на влада го донесовме ребалансот на буџетот за 2017. Го отстранивме непродуктивното трошење проектирано од претходната власт. Така направивме заштеди и успеавме да вградивме авангардни политики од програмата на новата влада односно од програмата „План за живот во Македонија“. Ова го изјави премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев при обраќањето пред младите социјалдемократи во рамки на летниот камп кој секоја година традиционално се одржува во Охрид во организација на СДММ.
– Од први септември ќе ја стартуваме „Младинската гаранција“. Вкупно 500 милиони денари, или безмалку 9 милиони евра собрани од даноците на граѓаните односно буџетски пари ќе бидат наменети за оваа цел. Тоа во најголем дел се работни места за младите, финансирани од државата, а отворени од приватниот сектор. Тоа исто значи до-едукација или до-образување, да го продолжат своето образование во делот на магистратурите или докторатите, или да одберат тренинг и пракса за да можат да најдат постабилна, потрајна и подобро платена работа после завршувањето на високото образование – рече Заев.