Заев пред дуелот со Мицкоски: 11 години ВМРО-ДПМНЕ бегаа од дуел, ние сме биле секогаш тука 

by fokus

Премиерот Зоран Заев, пристигна во ТВ Канал 5 каде денеска треба да се одржи телевизиско соочување со лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски. Тој рече дека ВМРО-ДПМНЕ 11 години бегале од дуели, додека СДСМ биле секогаш достапни за медиумите.

-Дуелот е демократска алтка да дадеме одговор за сите прашања кои ги интересираат граѓаните. Очекувам одговори да даде и Мицкоски – рече Заев.

Заев денеска на Фејсбук ги повика граѓаните да го следат дуелот. Власта и опозицијата да дадат јасни одговори пред граѓаните и да ги судрат своите интереси, е пораката што преку Фејсбук ја испрати Заев, нагласувајќи оти тоа доликува на едно демократско општество.

-Во време на демократија и слобода, власта и опозицијата треба да даваат јасни одговори пред граѓаните и да ги судрат своите идеи и аргументи. Имаме одговорност да бидеме реални и да работиме за доброто на сите граѓани на нашата земја. Секој од нас треба да им ги соопшти на граѓаните своите планови за напредокот и своите ставови за најтешките прашања, доколку ги има. По тој повод, следете го политичкиот дуел вечерва со мене и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, на Канал 5 во 18:30 часот, наведува Заев во пораката на социјалната мрежа.

 

Поврзани новости