Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, денешната одлука на Иванов за аболиција на сите политичари ја оцени како државен удар и укинување на правната држава.
-Од денеска правната држава не постои. Го погазија достоинството на народот. Го погребаа Договорот од Пржино. Тоа нема да го дозволиме. Заедно со граѓаните од денеска застануваме во одбарана на Македонија. Бараме заштитникот Иванов веднаш да поднесе оставка. Доколку тоа не го стори државата ја доведува во состојба пред експлозија. Собранието мора веднаш да биде свикано. Криминалците мора да одговараат за криминалот, невините да можат да ја докажат својата невиност. Јас, Зоран Заев, ќе ги предводам граѓаните во враќање на државноста на Република Македонија, на улици, по села, низ градови, рече Заев.
Тој рече дека повикот за протест од денеска е испратен и опозицијата ќе ги искористи сите алатки кои и стојат на располагање за враќање на демократијата.
-Треба да знаат граѓаните дека штом ќе бидат ослободени и независни институциите актите на Иванов ќе бидат ставени вон сила. Законот за помилување е нефункцинален, новите одредби од законот не оживеале. Нема законска можност Иванов да аболицира, помилива или слично. Ниту барав, ниту прифаќам амнестија, не сме сите исти и не сме сите криминалци. Јас сум невин и својата невиност сакам да ја докажам и не ја прифаќам оваа одлука. Не дозволувам да бидам ставен во ист кош со сите криминалци во власта, ијзави Заев.