Премиерот, Зоран Заев, на денешната седница на пратенички прашања најави дека повратот на 15 отсто од данокот на додадена вредност ќе почне со експериментален период од 1 јули и во зависност од резултатите кои ќе ги покаже проектот, официјално ќе почне да се реализира од 1 јануари 2020 година. Како што појасни Заев, од 1 јули повратот ќе биде лимитиран на 30.000 денари и ќе ги опфати само социјалните случаи, како и семејствата со помали приходи.
-Обезбедивме договор со сите банки за давање бесплатни картички. Дел од банките имаат интерес за електонски систем на наплата. Системот е подготвен и ставен во функција. Првите шест месеци ќе бидат експериментални за да можеме како сериозен проект да ги провериме резултатите. Експериментално ќе се однесува на граѓаните кои се приматели на социјална помош и оние семејства кои имаат по еден вработен, за да можеме да дадеме шанса за овие 6 месеци на најсиромашните граѓани. Ова е дел од програмата на Владата, имаме намера да го спроведеме овој проект, но системот мора да биде поставен на вистински начин. Официјално се очекува даночната евазија која ја имаме од воведот на ДДВ до денес, која се движи со намалување, но е поголема од 30 отсто, со повратот на ДДВ да се спречи – рече Заев.