Од државата се крадат 400 милиони евра годишно. Само ова да остане во Македонија, ќе може да се искористи и за враќање на кредитите, но и за развој, вели претседателот на СДСМ Зоран Заев, во неделното интервју на Радио Слободна Европа.
– Програмата на СДСМ ја донесовме на конгресот во декември 2015 година, 224 страници, работена повеќе од една година со вклучен граѓански сектор и граѓански организации. Програма разработена во секој сегмент, соодветно нудејќи решенија за секојдневните актуелни проблеми во Република Македонија, со една среднорочна визија за четиригодишен мандат на нова влада. Не само програма, веќе ги имаме изработено и флаерите заради водење кампања, но го чекаме моментот кога тоа ќе се случи – истакна Заев.
Тој тврди дека се спремни да одат на избори.
– Спремни сме за избори. Ние сме единствената партија којашто во декември донесе изборна програма на конгрес, подготвена со формиран штаб да влезе во изборни активности – додава лидерот на СДСМ.